Добро им се држевме на Шпанците, но на крајот четврти пораз на ЕП за Македонија

Македонската одбојкарска репрезентација го забележа четвртиот пораз на Европското првенство, откако во мечот со Шпанија загубија со 3:1, по сетови 25:23, 21:25, 30:28, 25:15.

Нашите одбојкари одлично и парираа на „Фуријата“, па првиот сет го загубивме со мала разлика од 25:23. Во вториот сет „Спартанците“ успеаја да го возвратат ударот и да го намалат резултатот на 1:1, откако славеа со 21:25, но како клучен се испостави третиот сет во кој по голема неизвесност и две пропуштени сет топки, нашите репрезентативци го загубија со 30:28.

По ова, евидентен беше психолошкиот пад кај нашите одбојкари, а Шпанците тоа го искористија за да го освојат последниот сет со убедливи 25:15.

Македонија водеше израмнета битка со Шпанија во најголемиот дел од натпреварот, а за тоа најдобро сведочат и бројките кои велат дека во поени резултатот изнесуваше 101:91, додека во сервис асовите бевме израмнети, со по четири на двете страни. Сепак, Шпанците беа подобри во блокови (13:4) и токму тука ја направија најголемата разлика.

Андрес Хесус Виљена беше убедливо најефикасниот играч кај победниците со 26 поени, додека Борха Руис запиша 17. Од друга страна, нашиот капитен и најдобар играч, Никола Ѓорѓиев исто така освои 26 поени.

Македонија нема никакви шанси да ја мине групната фаза и во моментов е последнопласирана во Групата Ц, а последниот натпревар го играат в среда против големиот фаворит Русија.