До каде стигна Мурињо – финале во Конференциска лига да му сметаат за голем успех

Веројатно пред една деценија малку кој можеше и да помисли дека Жозе Мурињо на 59-годишна возраст ќе биде како испушен отпушок, далеку од елитата и без шанса за голем трофеј.

Пред десет години тој беше тренер на Реал Мадрид, тогаш освои титула во Ла Лига и атауваше на пехарот во Лигата на шампионите. Не успеа да ја освои, но уште полошо дека оттогаш не доби ни шанса да се бори за најдрагоцениот пехар во фудбалот. Освои еден трофеј со Челси во Премиер лигата, уште еден со Јунајтед во Лигата Европа и тоа беше се.

Денеска има шанса да стави кра на петгодишната агонија и конечно во богатата колекција трофеи, претежно освоени во првата деценија од овој век, да го додаде пехарот од Конференциската лига. Со Рома ќе игра финале против Феенорд во натпреварување кое не само што е најслабо во организација на УЕФА, туку и во кое Рома, заедно со Тотенхем, се убедливо најзвучни имиња. Оваа сезона, прва откако е формирана Конференциската лига, учествуваа „гиганти“ како Каират, Омонија, Мура, Линколн од Гибралтар, Јаблонец, Макаби Хаифа, Карабаг, Алашкерт, Флора…

И во таква конкуренција, Мурињо го слават на цел глас затоа што ја однел Рома во финале. Некогаш најпопуларниот тренер во Европа, па и во светот, дојде во позиција да го брани своето реноме во натпреварување, рамно на поранешниот Интертото куп. Уште ако загуби вечерва…