Директорот на Ред Бул: Ферстапен и Хамилтон заслужија иста казна

Инцидентот кој се случи на 12 септември, во 26-тиот круг од трката за Големата награда на Италија во Монца, кога Хамилтон излегуваше од боксот, при што дојде до контакт со Ферстапен, чиј болид се искачи врз оној на Хамилтон, предизвика големо внимание во светот на Формула 1. За среќа, двајцата излегоа неповредени од возилата.

Пневматикот од болидот на Ферстапен го удри Хамилтон во главата, а седумкратниот светски шампион беше заштите од сигурносниот систем на болидот – популарниот ореол.

По трката беше проценето дека Ферстапен е претежно виновен за инцидентот и казнет е со додавање на три места во поредокот кој ќе го оствари во квалиффикациите во следната трка за Големата награда на Русија во Сочи на 26 септември.

„Тоа беше незгодно, но двајцата веднаш можеа да потврдат дека се добро. Луис се обиде да се сврти и да се врати во трката, а дури ни медицинскиот тим на патеката не сметаше дека мора да се интервенира. Благодарен сум што ореолот си ја заврши работата, мислам дека и оние кои се сомневаа во врска со тоа, сега го променија мислењето“, наведе Хорнер во својата колумна.

„И денес го делам истото уверување, двајцата учествуваа и тешко е да се припише вината на една страна повеќе отколку на другата. Ако ФИА сакаше да направи пример, тогаш можеше да изрече иста казна за двајцата, но се сметаше деак повеќе е грешка на Макс и бидејќи не ја заврши трката, единствената опција беше ваква казна, која ние ја прифаќаме“, наведе Хорнер.