Директорот на Австралија Опен: Ако Ѓоковиќ игра, тоа значи дека е вакциниран

Директорот на тенискиот гренд слем турнир Австралија Опен, Крег Тајли, очекува дека 95 проценти од играчите ќе бидат вакцинирани против коронавирусот до почетокот на првиот гренд слем турнир во сезоната кој се одржува од 17 до 30 јануари во Мелбурн.

Тој изјави дека одлуката на сојузната држава Викторија, чиј главен град е Мелбурн, е дека нема да има исклучоци кога станува збор за обврските за вакцинирање.

„Во моментов 85 проценти од тенисерите и тенисерките се вакцинирани. До јануари очекуваме да бидат од 90 до 95 проценти бидејќи ако не сте вакцинирани, нема да можете да играте“, изјави Тајли.

Тој рече дека разговарал со Новак Ѓоковиќ, првиот тенисер на светот и бранителот на титулата, но дека не успеал да заклучи дали е вакциниран.

„Ѓоковиќ освои девет титули на АО и сигурен сум дека ја сака и десеттата. Исто така, тој, Рафа Надал и Роџер Федерер се израмнети по бројот на гренд слем титули, сите тројца имаат по 20. Надал ќе игра и некој некого ќе престигне по бројот на освоени гренд слем турнири, а мислам дека Ѓоковиќ не би сакал да ја испушти шансата на некој друг. Една работа е сигурна, ако игра тука во јануари, тогаш е вакциниран“, изјави Тајли.