Димитријевиќ на пат кон Валенсија, познати се и финансиските детали

Се посериозни се најавите дека македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ ќе го напушти матичниот Хувентут и кариерата ќе ја продолжи во Валенсија.

Такви информации се појавија пред почетокот на завршниот турнир од АЦБ лигата минатиот месец, но по неколкунеделно затишје, повторно нашиот кошаркар е во центарот на вниманието. Локалното радио „99,9 Валенсија“ објави и детали за наводниот трансфер на Димитријевиќ во редовите на евролигашот.

Според овој извор, Валенсија на Хувентут ќе му плати отштета од 300 илјади евра, а Димитријевиќ ќе има годишна плата од 500 илјади што е значајно зголемување во однос на неговите примања во каталонскиот клуб.

Валенсија игра во Евролигата и летово донесе многу засилувања во своите редови. Конкуренција на Нено на плејмејкерската позиција би биле Мартин Хермансон, Сем ван Росом и Гијем Вивес.