Димевски: Продолжуваат со ширењето лажни вести!

Советникот за спорт во Владата на Република Македонија, Даниел Димевски го демантира ВМРО ДПМНЕ во врска со закупот на објектите во склоп на Спортско рекреативниот центар Кале.

„ВМРО ДПМНЕ преку нивниот гласноговорник за ширење лажни спортски вести Влатко Неделковски продолжува со ширењето на лажни вести.

Наместо прво да се извини за лажната вест дека сум го закупил цел спортски центар Кале со спортски сали и што уште не, со што целата јавност ја стави во заблуда, продолжува безочно да лаже.

Откога се јавија вистинските корисници на спортските сали со личен демант на лажните вести на Неделковски, стана јасно и да се послужам со неговиот речник, од месечина се гледа дека човеков лаже на големо.

Сега лаже дека отворениот базен Кале не бил руиниран а истиот е вон функција 20 години и лаже дека земјиштето било пренаменето што секој може од дома да го провери со увид во ДУП.

До вчера лажеше дека немало јавен оглас и избор на најповолен понудувач а кога се разбра дека има, сега лаже со неточна правна формулација на цитирани закони.

Очигледно не му одговара и на секаков начин се обидува да го сокрие фактот  што закупувачот Олимпик има правосилна извршна пресуда за претрпена штета со која треба да наплати од државата износ од 124.000 евра плус камати, за којашто штета директно се виновни партиски послушници од неговото ВМРО ДПМНЕ од кои што до ден денеска не најдоа сила да се откажат.

Ја користам приликава да кажам нешто и во мое лично име:

Пет години бев претседател и спонзор на КК Работнички, 10 години бев претседател од кои првите четири и спонзор на Кошаркарската федерација. Се додека постоеше и работеше фитнес клубот Олимпик беше спонзор со бесплатни термини за сите репрезентативци од сите спортови а од кога сум советник сесрдно сум помогнал на стотици спортисти и спортски субјекти.

Ваучер системот е мој проект од идеја до реализација. Благодарение на мене и секако Премиерот чив советник сум ниеден спортски објект не е пренаменет и нема да биде пренаменет во деловен, што беше редовна пракса на ВМРО ДПМНЕ кое еден спортски терен не остави.

Господава од ВМРО ДПМНЕ се што можеа урнисаа и опљачкаа, издаваа цели стадиони и спортски сали за 100 евра, го упропастија СРЦ Кале, Партизан 4 во Карпош, Расадник, игралиштето и Кајак клубот во Градскиот парк, од спортските игралишта во Карпош направија зграда чудовиште спротив хотел Плаза и можам вака до бескрај да набројувам, а господава се уште имаат образ да зборувааат во интерес на спортот.

На крај, господине Неделковски, за разлика од Вас и тие до Вас, јас лично и персонално за оваа држава многу сум дал и материјално и интелектуално и воопшто не ми е жал, зошто духовно сум многу богат. Народот ми се оддолжи со величествениот пречек на плоштад а државата со највисокото признание златен орден за заслуги за државата.

Господа од ВМРО ДПМНЕ, продолжете си со ширењето на лажните вести зошто само тоа добро го знаете и умеете, за друго треба нешто повеќе.

Со почит,

Даниел Димевски“, се вели во демантот.