Дибиров и Писонеро: Ужасно полувреме, ни Кил не очекуваше ваков резултат

Вардар доживеа дебакл на домашен терен од Кил, откако загуби со убедливи 20:31, но она што ја шокираше македонската публика и навивачите на Вардар беше настапот во првото полувреме кое Кил го доби со неверојатни 16:4.

„Горд сум на играчите бидејќи имавме големи проблеми во првото полувреме. Тешко е да се има еден ваков резултат. Првото полувреме беше навистина лошо, ужасно. Не сум видел полувреме со само четири гола. Многу доцна почнавме да играме добро во одбраната, во вториот дел притискавме, игравме подобро, а атмосферата беше одлична. Тешко е да се игра против Кил, имавме шанса да се вратиме, но тие беа предалеку. Мораме да бидеме заедно и да се вратиме со победа во следниот натпревар. И благодарам на публиката, беше неверојатна од почеток до крај, без оглед на резултатот“, истакна тренерот на Вардарци Давид Писонеро.

Тимур Дибиров во пресрет на натпреварот истакнуваше дека во Скопје ќе се покаже кој е кој во европскиот ракомет. Судејќи по резултатот, тоа баш и не му оди од рака на руското крило кое признава дека се случи колапс на екипата.

„Честитки за Кил, мислам дека ни тие не очекуваа ваков резултат, но чесно и заслужено победија. Пред натпреварот реков да видиме до каде сме и еве… Кил ни покажа до каде сме и им благодарам на тоа. Сега мораме да работиме, имаме одговорност пред навивачите. Се обидовме да се вратиме во игра, но не бевме подготвени за тоа, а разликата беше преголема.

Видовте и сами што се случи. Се случи колапс. Кога еден ќе промаши една или две шанси тоа може да се поднесе, но кога цела екипа промашува… Ландин беше одличен, но тој не одбрани толку колку што ние испромашувавме и погодивме пречки и стативи. Тоа е што е. Не изненадија со одбраната кон Криштопанс, но сега мораме да го анализираме ова за да не ни се повтори. Навистина сме разочарани“, истакна Тимур Дибиров.