Ди Марија и Влаховиќ блескаа за сигурна победа на Јувентус

Фудбалерите на Јувентус го победија Сасуоло со 3:0 во првото коло од италијанската Серија А.

Јувентус имаше турбулентна сезона зад себе, не беше ни приближно добар како минатите години, а сега во Торино главна цел е да се врати Скудетото кое изминативе две сезони им припадна на клубовите од Милано.

Старата дама донесе неколку квалитетни засилувања во текот на летото, а особено вечерва импресионираа Анхел Ди Марија во офанзивата и Бремер во дефанзивниот дел.

Ди Марија беше еден од клучните играчи во победата над Сасуоло. Токму тој погоди на центаршутот на Алекс Сандро во 26. минута за 1:0.

Во 43. минута Душан Влаховиќ од пенал го зголеми водството на Јувентус, а Србинот промаши и голем зицер во првото полувреме.

Се играше во 51. минута кога Ди Марија асистираше на Влаховиќ, кој постигна уште еден гол и го потврди триумфот на својот тим.

Ди Марија го повреди адукторот и го напушти теренот во 66. минута. Што се однесува до останатите новајлии, Филип Костиќ влезе во игра во 61. минута и дебитираше за славниот клуб.