Џудо турнир во Кочани предвреме прекинат – полицијата ги смирувала страстите

Од Министерството за внатрешни работи информираа за немил настан од пред два дена за кој се вели:

„На 12.12.2021 во 12.10 часот во Полициската станица Кочани било пријавено дека спортскиот настан – Државно екипно првенство во „Џудо“ на Република Северна Македонија организиран од џудо клубот „Гладијатор 2016“ од Кочани во спортската сала од Средното општинско училиште „Љупчо Сантов“ во Кочани, поради нарушен јавен ред и мир и влегување на терен од неовластени лица каде се одвивавале борбите на спортисти од два клуба од Скопје бил прекинат и не се одржал до крај.

Се работи на целосно комплетирање и документирање на случајот, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци согласно Законот за спречување насилство и недолично однесување на спортски натпревари“ стои во објавата на МВР.