Џеј Ар Смит се сели во ЛА Лејкерс и пак ќе игра со Леброн

Лос Анџелес Лејкерс ќе добијат одлично засилување во финишот од сезоната. Кога НБА лигата ќе продолжи, дресот на великанот од „Стејплс Центарот“ ќе го облече Џеј Ар Смит.

Искусниот бек пристигнува меѓу лидерите на Западната конференција од Кливленд каде ги мина последните четири сезони, со намера да и помогне на екипата да дојде до шампионски прстен. Управата на Лејкерси реагираше по сознанието дека Ејверли Бредли нема да игра до крајот ан сезоната, па неговото место ќе го пополни Смит. Договорот ќе биде краткорочен и ќе подразбира обврски само до крајот на натпреварувањето планирано во Орландо.

На тој начин Џеј Ар Смит ќе ја обнови соработката со Леброн Џејмс. Познато е дека тие двајцата имаа добра конекција играјќи за Кливленд, а на тимот од Охајо му ја донесоа и титулата во 2016 година. Ова лето ќе имаат шанса да го повторат тој успех, само со друг тим, бидејќи Лос Анџелес Лејкерс важат за еден од најголемите фаворити за прстенот. Во моментов се први на Западот, а имаат фантастичен состав, чиј лидер е Леброн, а веднаш зад него е Ентони Дејвис.

Смит има 34 години, а во кариерата играше за Њу Орлеанс, Денвер, Њујорк и Кливленд, додека една сезона мина во кинески Жеџанг.