Ден по големата победа во Минхен, Леонардо проговори за судбината на Нејмар и Мбапе

Големиот триумф на играчите на ПСЖ на гостувањето кај Баерн со 3:2 во првиот меч од четвртфиналето во Лигата на шампионите имаше силен одек во фудбалска Европа.

Незаобиколна тема беа двајцата главни протагонисти на „Светците“, Килијан Мбапе и Нејмар, а навивачите на францускиот шампион дополнително ги израдува изјавата на спортскиот директор Леонардо дека во следниот период ќе бидат продолжени нивните договори.

„Наскоро поконкретно ќе разговараме на таа тема. Среќни сме што ќе преговараме со нив за продолжување на договорите, но главниот фокус ни е реваншот против Баерн“, изјави Леонардо по победата во Минхен.

На двајцата играчи им истекуваат договорите следното лето, што значи дека сега е пресуден период да се разреши дилемата каква ќе биде нивната иднина во клубот.

Кон крајот на минатата недела се појавија информации дека Нејмар одбил да го продолжи договорот со цел ова или следното лето да се врати во Барселона и повторно да заигра со Лео Меси.

Кога станува збор за Мбапе, итнересот на Реал Мадрид да го доведе е актуелен веќе некое време.

Леонардо одби да ги коментира шпекулациите за можното доаѓање на Џанлуиџи Донарума на „Паркот на принцовите“, а за крај ја пофали играта на својот тим во тешките временски услови.

„Тоа беше голем натпревар на тимот во многу тешки услови. Го променивме половина тим кој ја елиминираше Барселона. Дојдовме во Германија и игравме во снежни услови. Баерн нема загубено две години на свој терен. Среќен сум како одигравме“, заклучи Леонардо.