Дембеле со бомбастичен удар ја лансираше Барса во полуфиналето од Кралскиот Куп

Реал Сосиедад игра страшен фудбал во последно време, имаше девет последователни победи, но вечерва на Камп Ноу Барса ги спушти Баскијците на земја.

Барселона потешко од очекувањата ги совлада гостите од Баскија со 1:0 и се пласираше во полуфиналето на Купот на кралот. Човек на одлука беше Усман Дембеле, но мора да се истакне дека работата на Каталонците им ја олесни со гостинскиот играч за врска Брајс Мендез, кој оправдано беше исклучен во 40. минута.

Иако ова е прилично стресна и чудна сезона за Барселона од самиот почеток, на крајот може да заврши со двојна круна. Барса е лидер во Ла Лига, а сега прва обезбеди пласман во полуфиналето на националниот куп. Но, очигледно е дека е направен добар преоден рок и дека тренерот Чави полека ги реди коцките.

Чави вечерва на терен го испрати најсилниот тим со кој располагаше, што не се случуваше често оваа сезона… Педри играше поофанзивно во поддршка на Дембеле и Левандовски, а зад нив беа Бускетс, Де Јонг и Гави. Од друга страна, на Иманоло му недостасуваа важни играчи како Мерино и Давид Силва.

Барса веднаш нападна, а Дембеле беше најрасположен. Во првиот половина час пропушти добра шанса, создаде две одлични за Де Јонг и Левандовски, а потоа Кубо ја погоди гредата на другата страна. Следуваше клучниот детал од натпреварот. На агресивниот Браис Мендез најпрвин му беше простено жолт картон поради прекршокот над Левандовски, но во 39. минута уште посилно стартуваше врз Бускетс. Судијата прво му покажа жолт картон, но по ВАР консултации ја смени одлуката во исклучување.

Гостите издржаа до полувремето, но многу брзо капитулираа на почетокот на вториот дел од играта. Брзоногиот Дембеле побегна од одбраната на Реал Сосиедад, се очекуваше да го проигра Левандовски, но шутираше силно од страна и практично го проби голманот Ремиро.

И со играч помалку, гостинскиот тим набрзо имаше шанса да се врати во мечот, но Серлот го промаши ударот. Можноста да реши се ја пропушти Гави, кој по додавањето на расположениот Дембеле ја погоди гредата и за малку ќе ги чинеше Каталонците. Во 87. минута гостите возвратија, Наваро излезе сам на Тер Штеген, но Германецот одбрани и ја спаси Барса.