Дебакл за Вардар, Веспрем како фурија мина низ Скопје

Македонскиот ракометен шампион Вардар одигра натпревар за заборав против Веспрем во првиот дуел од осминафиналето во Лигата на шампионите. Двократниот европски првак доживеа катастрофален пораз од унгарскиот гигант со 27:41 во СЦ „Јане Сандански“ со што практично е елиминиран од понатамошниот дел од сезоната.

„Црвено-црните“ одиграа навистина катастрофално, а сето тоа резултира со преубедлив, срамен и веројатно и рекорден пораз. Залудно најавуваа вардаровите играчи во изминатиот период дека ќе покажат желба за надигрување на теренот, дека ќе изгинат за секоја топка, дека ако одиграат маестрална одбрана ќе успеат да го совладаат Веспрем. Но, желбите и замислите по којзнае кој пат се покажува дека се едно, а реалноста и пренесувањето на истите на теренот се сосема друга работа. Тежок, многу тежок пораз за Вардар, по кој се чини дека се е завршено. Секако, останува и реваншот во Унгарија, но со ваков пристап, тешко дека „Црвено-црните“ имаат на што да се надеваат. Спортски чуда се случувале и ќе се случуваат, не смееме да го отпишеме двократниот европски првак предвреме во ниту еден случај, но потребни ќе бидат натчовечки напори за да се победи, а не пак да се анулира негативата од овој прв натпревар.

Поразот беше најавен уште по првото полувреме кое заврши со 11:21 во корист на гостите. Ова инаку е и негативен рекорд за Вардар, кој никогаш досега не успеал да прими повеќе од 20 гола за полувреме во еден меч од нокаут фазата. Ако некогаш за Вардар синоним беше гранитната одбрана, тогаш оваа сезона тоа не може да се каже. На крајот на краиштата, бројките говорат сами за себе.

Секако, Вардар не е оној истиот од пред неколку години, но тоа не значи дека нема квалитет. Но, потребно е многу повеќе за да се излезе на мегдан против еден од фаворитите за освојување на Лигата на шампионите, потребна е желба и срце да се остави на терен за да не се дозволи во домот на двократниот европски првак да се случуваат вакви дебакли. Сепак, залудно е што и да напишеме сега, сигурно на самите ракометари им е најтешко по еден ваков тежок и срамен пораз. Останува да се надеваме дека ќе ја научат лекцијата и во Унгарија ќе се претстават во најдобро светло, барем за достојно простување од Лигата на шампионите оваа сезона.

Вардарци беа инфериорни во секој поглед во однос на гостите, а тоа резултираше со најтешкиот домашен пораз во Лигата на шампионите, по оној од Барселона пред 16 години. Покрај одбраната, потфрли и нападот, а тим како Веспрем тоа знае како да го искористи и практично го реши двомечот по првиот натпревар и тоа во Скопје, кој некогаш беше неосвоива тврдина за ривалите.

Маргуч беше најефикасниот кај гостите со шест погодоци, по четири имаа Омар, Маркусен и поранешните вардарови играчи Манасков, Борозан и Мораеш, Шишкарев, Ненадиќ, Лекаи и Тонесен завршија со по три гола, а на голот блескаше Коралес Родал кој собра 14 интервенции. Кај Вардар најрасположен за игра беше Чупиќ кој заврши со девет погодоци зад своето име, четири имаше Јотиќ, а по три постигнаа Валчак, Стоилов и Георгиевски.