Данските ракометари огорчени: Измамени сме, оваа Олимпијада нема никаква смисла

Во таборот на актуелниот светски и олимписки ракометен шампион Данска се огорчени на рестрикциите кои ги дочекаа по доаѓањето во Јапонија.

Селекторот на Данска, Николај Јакобсен порача дека не гледа никаква смисла да се одржуваат Олимписките игри под вакви услови.

До доаѓањето во олимпиското село Данците се сместени во мошне луксузен хотел на бреговите на островот Окинава, но не им е дозволено да ја користат ни плажата, ни базените во рамките на хотелот. На играчите и стручниот штаб практично не им е дозволено да ги напуштат хотелските соби.

„Морам да кажам дека не гледам никаква смисла Игрите да се одржуваат под вакви услови. Не разбирам. Имам впечаток дека сето ова се прави само за луѓето надвор од спортот, а на штета на спортистите поради кои Олимписките игри и треба да постојат“, изјави тренерот на Данците.

Данската ракометна федерација успеа некако да испреговара играчите да добијат барем еден час дневно за користење на базенот и само тогаш можат да искочат од собите.

„Ми беше кажано, а јас верував, дека условите ќе бидат немерливо подобри од овие со кои се соочуваме во Окинава. Да знаевме дека ќе биде вака, ќе отидевме веднаш во тренинг-кампот во Токио, каде барем знаеме дека движењето е строго ограничено и дека се следи со ГПС“, лут е Јакобсен.

Првиот дуел на Олимпискиот турнир Данска го игра на 24 јули против домаќинот Јапонија. Покрај нив, групата Б ја сочинуваат уште Шведска, Египет, Португалија и Бахреин.