Данец седнува на клупата на Еурофарм Пелистер

РК Еурофарм Пелистер ја информира јавноста дека за нов тренер на екипата го назначи Ларс Валтер. 56-годишниот стручњак од Данска потпиша двегодишен договор и официјално ќе биде претставен по неговото доаѓање во Битола пред стартот на подготовките.

Валтер има долгогодишно искуство и многу трофеи во тренерската кариера. Тој во Македонија доаѓа од Полска, каде го водеше тимот на Азоти Пулави, а претходно беше предводник на Флензбург, Порто, Кадетен Шафхаузен, Висла Плок, Баја Маре, Горење, Емсдетен, Хилдехајм, Конверсано и данските екипи Роар Роскилде, Есбјерг и Вирум. Со Висла беше шампион на Полска, со Баја Маре го освои романското првенство, двапати триумфираше во шампионатот на Швајцарија со Кадетен Шафхаузен, а има забележителни резултати и во евро-куповите, каде играше во нокаут фазата на Лигата на шампионите со Висла и Горење. Во 2011 и 2012 година е прогласен за тренер на годината во Полска.

Претходно како ракометар Валтер ги носел дресовите на Алборг и Брондеслев во Данска, Нордхорн и Емден во Германија, Маритимо и Спортинг во Португалија и Акуреји во Исланд.

РК Еурофарм Пелистер му посакува добредојде на Валтер во ракометна Битола и Македонија.