Дали навистина е неправда? Роналдо не доби ниту еден глас од дури 35 земји!

Кристијано Роналдо не присуствуваше на доделувањето на „Златната топка“, а според проценката на одреден дел од јавноста, Антоан Гризман и тој најмногу се оштетени при гласањето. Португалецот се најде на второто место зад победникот Лука Модриќ, додека третото место го зазеде Французинот од Атлетико Мадрид.

Сестрата на Кристијано Роналдо Елма Авеиро беше сериозно бесна поради исходот на гласањето, зборуваше за спрега помеѓу мафијата и новинарите, како и расипништвото во целиот фудбал.

„За жал, ова е расипаниот свет во кој живееме, меѓу новинарите и мафијата. Силата на Бога е поголема од ова расипништво, тој никогаш не заборава“, изјави Елма, која под фотографијата на Роналдо на Инстаграм напиша:

„Најдобар на светот! За оние кои разбираат фудбал, јасно е! Загрижена сум за иднината на оваа игра“, порача сестрата на Роналдо.

Сепак, гласовите на новинарите од сите земји јасно покажуваат дека Модриќ имал сериозна предност. Хрватот освои 753 поени, Роналдо 476, а Гризман 414 поени. Интересно, Португалецот не добил ниту еден поен од дури 35 новинари од исто толку земји. Кога ќе се пресметаат поените по конфедерации, Модриќ славеше во КОНКАКАФ (Северна и Централна Америка), УЕФА (Европа), Азија и Африка. Роналдо беше најуспешен во Океанија, а Гризман во Јужна Америка.