Дали Меси станува товар за Барселона?

Никогаш откако стана прва ѕвезда на Барселона, не се случило во првите четири натпревари од сезоната Лионел Меси да има само еден постигнат гол и тоа од пенал.

Без Луис Суарес како партнер во нападот, тоа се случува оваа сезона. Меси не е ни бледа сенка на најдобриот фудбалер на сите времиња кој понекогаш во овој период од сезоната веќе имаше и двоцифрен број погодоци. Неговата форма се одразува и на резултатите на екипата. Барселона немаше многу тежок распоред, а веќе загуби пет бода иако има реални шанси, сепак, да биде прва ако победи во Ел Класико и триумфира во заостанатите натпревари.

Меси беше пред заминување од Камп Ноу ова лето, јавно побара трансфер, но во приказната се вклучи Ла Лига, па каталонската влада, а управата на Барса не сакаше да слушне да го ослободи од обврските.

Од оваа перспектива, тоа можеби не беше добар потег ни за Барселона, ни за самиот Меси. Очигледно е дека Аргентинецот без своите најдобри пријатели не е оној што сме навикнале да го гледаме, а од друга страна, ги гуши соиграчите со своето движење на теренот. Одбрана речиси и да не игра, со Гризман не соработува, а и Кутињо не игра поради него. Куман објасни дека бразилскиот репрезентативец добил поштеда на дуелот со Гетафе затоа што немаше летен одмор и директно од триумфот со Баерн во Лигата на шампионите се приклучи на подготовките на Барса за новата сезона.

Ако нешто не се смени, Барселона ќе има проблеми и оваа сезона, но сега директно поради Меси, а не поради член на управата или стручниот штаб како што беше случај претходните сезони. И Куман ќе има тешка задача, да ја одржи неговата форма, да го одмори кога ќе треба, а знаејќи ја тврдоглавоста на шесткратниот освојувач на Златната топка, тоа нема да биде лесно.