Дали македонскиот авто-мото спорт е пред згаснување?

Викендов најдобриот македонски автомобилист Игор Стефановски Иџе освои нова, трета европска титула во ридско планинска конкуренција. И одново донесе голема радост и еуфорија помеѓу македонските спортски фанатици.

Одлични резултати последните години бележи и Виктор Давидовски во ТЦР Европа, како и младиот Ристо Вуков во Порше шампионатот. И тука негде би ги заокружиле оние професеионални, елитни македонски автомобилисти. Реално многу мала бројка, навистина мала.

Притоа од година во година се намалува и бројот на активни автомото клубови во Македонија како и нивните членови, односно возачите и возилата.

А за ова еден од главните виновници секогаш се финансиите, а федерацијата која треба да е двигател на македонскиот авто-мото спорт кој веќе една деценија е во слободен пад. А да биде уште пожално се чини го допираме и дното.

Трката на Водно веќе одамна не се вози, ги нема и оние во Крушево, Кавадарци, Пробиштип, Мариово кои се возеа во рамки на македонскиот шампионат во ридско планинска конкуренција. Како и онаа легендарна на кружни патеки во центарот на Скопје и во Кичево.

Единствена трка која некако и пркоси на сите проблеми беше Пониква крај Кочани која на два наврати во годината се одржуваше. Беше и во календарот на ЦЕЗ, но за жал втората која што требаше да се вози изминатиот викенд е откажана.

Истото може да се забележи и на официјалната страна на ФИА иако досега во јавноста нема лиферувано вест за причините кои доведоа до ова. Дали можеби ова значи дека и последната трка која што ја имаше во Македонија оди во историја до некое подобро време.

Незадоволството кај дел од спортските лица во овој спорт веќе неколку години наназад е видливо. Се организираа протести пред трките на Пониква, се испишуваа најразлични пароли, но немаше никаква реакција и слух од надлежните. Па наместо на подобро, како што стои работата сега оди на полошо, ако и има полошо од ова што е сега.