Чупиќ: Кјелце е карактерна екипа, ние правевме глупости во вториот дел

Вардар имаше добар почеток на мечот со Кјелце, но тој како одминуваше, гостите беа се подобри, додека Вардар се полош при реализацијата во нападот.

Неколкупати на тајм-аут Иван Чупиќ ја изразуваше својата револтираност од играта и грешките на своите соиграчи, па им се обраќаше со доста висок тон.

По поразот од Кјелце, Чупиќ заедно со Алушовски, го изнесоа својот став пред новинарите:

„Добро го отворивме натпреварот, имавме транзиција и неколку лесни голови. Кјелце е екипа која знае да трчи и да ги казнува максимално грешките на противникот. Имавме негатива во првиот дел, но се вративме во вториот дел. Не оставивме доволно простор за нивните пикери да играат слободно бидејки ги знаеме нивните квалитети. Направивме брејк потоа, имавме +1 на 15 минути до крајот, а потоа Волф одбрани 2-3 зицери, а ние направивме уште неколку глупости“.

„Кјелце тоа добро го казни и потоа беше тешко да се вратиме. Кјелце е карактерна екипа, пред се квалитетна. Денеска ни дадоа пример како ние треба да играме и како да се однесуваме со топка, некогаш и по цена на недоволно добра игра, да сочуваш резултат и победа“, истакна Иван Чупиќ.