Американскиот атлетичар Џастин Гетлин, денеска соопшти дека во 40. година од животот, ја завршува кариерата, која ја одбележи со златен олимписки медал на 100 метри и суспензија поради допинг.
„Те сакав патеко. Ми даде солзи, болка и радости, лекција која никогаш нема да ја заборавам. Штафетата помина, но љубовта никогаш нема да избледее“, напиша Гетлин на својот Инстаграм профил.
Гетлин олимпиското злато го освои скоро пред две децении, на ОИ во Атина 2004 година, кога истрча за 9.05 секунди.
Својата доминација ја потврди следната година на СП во Хелсинки на трките од 100 и 200 метри.
Тој поради допинг потоа беше суспендиран во 2006 година, на цели четири години. Во меѓувреме се појави Јусеин Болт, кој ги освои сите можни титули, па по враќањето на Гетлин на патеката, тој мораше да се задоволи со помал број на одликувања.
На ОИ во Лондон 2012 година, ја освои бронзата на 100 метри, а потоа и сребро на СП во 2013 и 2015 година, како и на ОИ во Рио 2016 година.
По освојувањето на последниот златен медал, на штафетата 4 x 100 и сребро на 100 метри на СП во Доха 2019, сакаше кариерата да ја заврши на ОИ во Токио, каде го спречи повреда.