Вчерашната објава на Кармело Ентони дека ја завршува играчката кариера, повторно отвори дебата која се водеше и порано, а која се однесува на двете можеби најголеми ѕвезди на Денвер Нагетс во поновата историја на франшизата.
Дилемата кај кошаркарските фанови, пред се неутралнните, е во чија чест треба да биде повлечен од употреба бројот 15 кој безмалку осум сезони го носеше Мело, а од 2015 година е сопственост на Никола Јокиќ. Двајцата одбележаа по една ера и речиси сигурно во иднина ќе бидат дел од Куќата на славните на НБА.
Денвер го избра Кармело Ентони како трет пик на драфтот во 2003 година и до февруари 2011 тој беше прва ѕвезда на тимот иако во еден период играше и со Ален Ајверсон. Во негово време, Нагетс редовно настапуваа во плејофот, но само еднаш ја поминаа првата рунда и тоа во 2009 година кога стигнаа до конференциското финале и таму загубија од Лос Анџелес Лејкерс со 2-4. Начинот на кој изнуди трејд во 2011 година не им се допадна на навивачите кои тогаш се свртеа против него, дури и палеа негови дресови, но по се што направи, Мело секако е една од легендите на франшизата. Во моментов е трет стрелец во историјата, ама на Јокиќ му недостасуваат нешто повеќе од 1.900 поени за да го стигне.
За Никола Јокиќ не треба да се трошат зборови, последните три сезони е апсолутен лидер на Денвер и можеби најдобар играч во НБА. Освен што освои две МВП признанија, го направи својот тим доминантна сила во лигата и Нагетс се на добар пат да стигнат до првата шампионска титула во својата историја. Што и да се случи во иднина, дури и да го повтори истото што го направи Ентони, односно да побара трејд, тоа што го стори досега за развојот на франшизата е доволно да ги добие највисоките почести.
Навидум, од спортски аспект, не треба да постои дебата за придонесот на двајцата кошаркари како играчи на Денвер, но во однос на респектот кон нив, менаџментот на Нагетс ќе има големи главоболки во иднина, кога ќе се одлучува за повлекувањето на бројот 15.