Челзи на лето тргнува по стопер од 150 милиони евра

Челзи ова лето се обиде да го засили својот состав со Жил Кунде од Севиља, но трансферот пропадна.

Европскиот првак нудеше 50 милиони евра и бонуси, но Шпанците не го прифатија тоа и инсистираа Челзи да плати 75 милиони евра, колку што изнесува клаузулата во договорот на Кунде. Се обидоа трансферот да го договорат на последниот ден од преодниот рок, но Французинот на крајот остана во Севиља.

Но, „Дејли Мејл“ тврди дека Челзи на лето повторно ќе се обиде да доведе стопер, но дека сега размислува за Матијс Де Лихт од Јувентус. Младиот 22-годишен Холанѓанец во Јувентус не игар онака како што се очекуваше од него, а Тухел го гледа како идеално решение за својата и онака добра екипа.

Де Лихт има договор со Јувентус до 2024 година, но следната година ќе може да се активира неговата клаузула од 150 милиони евра. Сето тоа, пишуваат Англичаните, ќе зависи од тоа дали Антонио Ридигер ќе го продолжи договорот кој му истекува на крајот од сезонава. За Германецот постои интерес од Баерн, ПСЖ и Реал и ако си замине, Челзи ќе тргне по Де Лихт.

Лондонскиот клуб ова лето остана без Курт Зума, Тијаго Силва веќе има 37 години, а можно е Ридигер да си замине следното лето. Поради ова Челзи ја разгледува опцијата да ги купи и Кунде и Де Лихт (двајцата имаат по 22 години) и така на долг период да го решат дефанзивното прашање. Резервни варијанти се Маркињос од ПСЖ и Никлас Зуле од Баерн.