Маленко: Целта е ЛОИ во Париз да имаме пливач во попладневните трки

151

Македонското пливање долги години е само учесник на големите натпреварувања (Европски првенства, Светски првенства, Олимписки игри), каде најчесто учесниците пливачи настапуваат со „вајлд карта“.

  • Тешко e веднаш да кажеме дека ќе имаме резултати и успеси, но посакуваме македонски пливачи да ги видиме во попладневната програма на Олимписките игри во Париз 2024 година. Тоа значи некој да плива во најмала рака полуфинале во некоја дисциплина. Секако нема да застанеме сега, сениорите ќе „бркаат“ норми и ќе пливаат на големи натпреварувања. Така се очекува на ЕП во Глазгов годинава да пливаат Марко Блажевски, Анастасија Богдановски, секако и од јуниорите доколку некој исполни норма. Секако дека преку ФИНА двајца наши пливачи ќе пливаат и на ОИ во Токио 2020. Но, ние сме тука да им дадеме максимална поддршка на овие млади пливачи кои се тука со нас, нив пред се ги очекуваат Младинските Олимписки игри во Буенос Аирес во октомври годинава, изјави претседателот на ПФМ Александар Маленко.

Раководството на Пливачката федерација на Македонија по шесет месеци работа се пофали со неколку реализирани задачи:

  • Поставување јавно норми за учество во сите категории за 2018 година; додесување кодекс според ФИНА и ЛЕН, регистрациски и дисциплински правилник, платена котизација кон ФИНА и ЛЕН; потпишан договор со грчката пливачка федерација; ПФМ со свои средства од пријатели овозможи учество на наши пливачи на ЕП во Копенхаген и др.натпреварувања,…

Секако акцент ќе биде ставен и на домашните натпревари и првенства, а со помош од други страни и организација на кампови во Охрид. Не беа заборавени ниту актерите во далечинско пливање, кои последните години имаат позитивни резултати, а во план е и апликација за некое големо натпреварување пред се во овој дел од пливачкиот спорт (далечинско пливање) најверојатно град домаќин би бил Охрид.

ОД ПФМ уште еднаш истакнаа дека целокупниот извештај, кои го презентираа околу финансиите е обезбеден од страна на спонзори и приватни средства.