(ФОТО) Бура од емоции: Вардарки за последен пат се поздравија со своите фанови и со „Јане Сандански“

3115

ЖРК Вардар не успеа да го оствари сонот и најавите на ракометарките за европската шампионска титула по подолго време да заврши во Скопје. Ѓер повторно се провлече за влакно во финалето, па нашите спортски хероини одново ќе ја носат титулата европски вицешампион.

Со самиот крај на финалето, дојде крајот и на овој амбициозен проект, но за жал без најценетиот трофеј во европскиот ракомет. ЖРК Вардар петта година по ред, како единствен тим во Европа, сезоната ја заврши со пласман на Ф4 турнирот во Будимпешта.

Недостасуваше само малку среќа за Македонија да се израдува на нов голем спортски успех. Сите беа свесни дека доаѓа крајот на убавата приказна и поради тоа емоциите кај сите беа далеку поголеми отколку во изминатите години, иако овие девојки заслужија далеку поголема поддршка. Но, велат не сме свесни што имаме се додека не го загубиме. Така беше и со Кометал, така ќе биде и со ЖРК Вардар.

Европските вицешампионки денеска се вратија од Будимпешта, а пред нивниот досегашен дом, СЦ „Јане Сандански“, кој никогаш повеќе нема да се полни на натпреварите на ЖРК Вардар, ги пречекаа голем број навивачи, со цел и желба за последен пат да ги поздрават своите миленички.

Бура од емоции, солзи кај ракометарките и поздрав за последен пат. Со среќа во следните ваши предизвици со кои ќе се соочите во кариерата, со надеж дека Скопје никогаш нема да го заборавите. Kојзнае што носи иднината, особено во спортот, па така, можеме да се надеваме дека ќе дојдат некои подобри денови за клубот, па овие девојки да се вратат во голем стил и да го завршат она што го оставија недовршено.