Легендарниот италијански голман Џанлуиџи Буфон се ближи до својот 45-ти роденден, а тој се уште е меѓу стативите. Џиџи лани се врати во Парма и со „млекарите“ играше во Серија Б.
Љубовта кон фудбалот и добрата физичка подготвеност ја одржуваат кариерата на Буфон иако следниот јануари ќе наполни 45 години.
„Продолжувам да играм од неколку причини. Затоа што се уште се чувствувам силен и конкурентен, затоа што се чувствувам како да учествувам во златната ера на спортот“, го започна својот разговор за италијанските медиуми легендарниот Буфон.
Буфон во секој момент може да ја заврши кариерата, но се уште не чувствува дека е дојдено време.
„Јас сум на возраст кога би можел да одлучам да се пензионирам кога сакам, така што ја контролирам ситуацијата, но моите избори отсекогаш биле со причина. Се враќам во Парма бидејќи сум среќен човек кој гледа колку се горди навивачите што повторно ги бранам боите на Парма“, вели Буфон.
Славниот голман го освои Светското првенство со Италија во 2006 година, 10 „скудета“ во дресот на Јувентус, но никогаш не стигна до трофејот во Лигата на шампионите, но не жали многу за тоа.
„Освоив толку многу во животот. Среќен сум што се борев да победам, но никогаш немаше да успеам без поддршката од навивачите. Не ми треба трофеј во Лигата на шампионите за да знам колку вредам“, заклучи Буфон.