Бродолом и дебакл за Србите: Аргентина е во полуфиналето на Мундобаскетот

Кошаркарската репрезентација на Аргентина направи огромно изненадување и ја исфрли Србија од Мундобаскетот. Таа во четвртфиналето ја победи Србија со 97:87 и се пласираше во полуфиналето.

Аргентина фантастично го започна мечот и веднаш дојде до предност од 12:4. Србија резултатски се врати дури во последните минути од првата четвртина кога израмни на 16:16. Тогаш се мислеше дека еден од главните фаворити на турнирот ќе прејде во водство и ќе го води главниот збор во овој меч, но Аргентинците не мислеа така.

„Гаучосите“ имаа предност од 25:23 по првата делница, а разликата одеше и до осум поени во текот на вториот период. Србија на крајот од првото полувреме ја намали разликата на минус пет.

Аргентина добро го отвори и второто полувреме. „Гаучосите“ константно беа во водство за време на третиот период, но „Орлите“ се вратија во последните секунди од истото и дојдоа на само еден поен негатива.

Кон почетокот на последната четвртина Србија конечно го презеде водството и дојде до предност од 70:68. Аргентинците во тие моменти делуваа немоќно, Србите ја стегнаа одбраната и имаа неколку напади за да ја зголемат предноста. Но, сепак Србија не го искористи тоа поради необјасниви грешки и Аргентина со две тројки во низа ја презеде предноста и повторно замина на четири разлика.

До крајот на мечот Аргентинците го преземаа водството и од минута во минута ја зголемуваа предноста и дојдоа до 12 поени разлика. Но, Србија на околу минута и пол до крајот благодарение на Богдановиќ дојде до минус шест и кога се очекуваше жестока завршница, Аргентина покажа смиреност во финишот и не дозволија победата да им побегне.

На крајот славеа со 97:87 и го направија најголемото изненадување во досегашниот дел од турнирот.

Аргентинците до триумфот ги водеше неповторливиот Луис Скола кој уфрли 20 поени. Крај него се истакнаа и Кампацо со 18 и Дек со 13 поени. Кај Србија најдобар беше Богдановиќ со 21 поен, Бјелица додаде 18, Никола Јокиќ уфрли 16 поени и собра 10 скока, а Лучиќ заврши со 12 поени.