Британски новинар распали по Ѓоковиќ: Ги разочара сите, срамни лудории на наводниот првак

Новак Ѓоковиќ не успеа да освои медал на Олимписките игри во Токио. Најдобриот тенисер на светот најпрво во борбата за бронза во сингл беше поразен од Шпанецот Карењо-Буста, а потоа го предаде и мечот во мешани двојки каде требаше во борбата за бронза да настапи во пар со Нина Стојановиќ.

Пирс Морган, познатиот британски нвоинар, разочаран е од настапот на Ѓоковиќ во Токио.

„Кршеше рекети, приговараше и лудуваше, а освен тоа се повлече и од мечот во двојки и тоа ја чинеше неговата соиграчка медал. Ги разочара своите соиграчи, своите навивачи и својата земја. Срамни лудории на наводниот првак“, напиша Морган кој има работено за „Сан“, „Дејли Мирор“, „Си-Ен-Ен“ и „Дејли Мејл“.

Ѓоковиќ во Токио имаше за цел да се доближи до „Златен слем“, откако претходно оваа година беше најдобар на Австралија Опен, Ролан Гарос и Вимблдон. Во Токио беше фантастичен се до средината на вториот сет во полуфиналето против Александер Зверев, но тогаш одеднаш доживеа неочекуван и необјаснив пад во играта, што го чинеше пораз.