Брестовац посакува Металург со триумф да го финишира СЕХА првенството

Металург го очекува меч од СЕХА лигата, последното коло од ова натпреварување, кој клубот од Автокоманда ќе го одигра утре.

На пресконференцијата пред мечот тренерот Данило Брестовац потенцираше што очекува од мечот против Војводина.

Ни претстои последниот натпревар во СЕХА-лигата на кој очекувам победа и тоа победа со повисока разлика. Тоа јасно им го кажав и на играчите. Позитивна вест е тоа што Александар Шпенде од петокот почна да тренира со полн интензитет. Досега имавме проблем со ротација, но со Шпенде екипата добива една сосема друга димензија“.

„Ако се сеќавате, во Нови Сад на мечот со Војводин бевме брутално претепани. Дури и нивниот тренер, во еден момент, кога водевме со 6-7 разлика, викна тајмаут и повика да не тепаат. Искрено, се надевам дека ќе дојдат во полн состав“.

„Како што играа таму со сите сили, сега нека биде така и овде. Ние сакаме да им се реваншираме, но на спортски план, не со тепање, и да видиме кој тим во моменнтот е поквалитетен. Мислам дека и мојата екипата се прилагоди и се врати во нормала, по поразот во Прешов“, истакна Брестовац.