Брестовац: Игравме да победиме, но повредите ни направија големи проблеми

Македонската ракометна репрезентација со пораз го заврши настапот на Мундијалот во Египет, откако во последното коло од втората фаза загубивме со 30:26 од Белорусија.

На крајот, нашата репрезентација ќе го забележи најслабиот пласман во историјата на Мундијалите, а причина за тоа може да се бара во неподготвеноста, повредите, подмладувањето на националниот тим…

Во секој случај, денеска против Белорусија Македонија покажа далеку подобра игра, парираше 40 минути, но на крајот поради неколку грешки мораше да се помири со пораз.

По натпреварот, селекторот Брестовац се пожали дека повредите на ракометарите се причината што нашата репрезентација потфрли во второто полувреме.

„Ова беше навистина тежок натпревар за двете репрезентации. Сепак, ние направивме многу грешки во вториот дел. Проблемите со повредите си го направија своето и тоа е една од причините поради која загубивме во второто полувреме. Денеска игравме за победа, сакавме да победиме, не не интересираше конечниот пласман на Мундијалот“, истакна Брестовац.