Брејкденс дебитираше на Олимписките игри (ОИ) во Париз, но, според се’, тоа ќе биде негов единствен настап (засега), бидејќи како спорт ќе го нема на програма по четири години на ОИ во Лос Анџелес.
Мислењата беа поделени по натпреварите во брејкденс летово во Париз. На некои им се допадна ова натпреварување, на некои не.
– Знаевме уште пред почетокот на Игрите дека нема да биде во Лос Анџелес. Многу е разочарувачки, особено што не ни беше дадена ниту шанса да го покажеме спортот, изјави австралиската натпреварувачка Рејчел Ган.
Наместо брејкденс, во Лос Анџелес ќе има пет нови спорта. Според правилата што ги воведе Интернационалниот олимписки комитет (ОИК) пред неколку години, секој град домаќин има право да вклучи неколку спорта во програмата.
Лос Анџелес се одлучи за крикет, флег фудбал, лакрос, сквош и бејзбол/софтбол. Крикетот на тој начин ќе биде вратен на олимписката програма, за прв пат по 1900 година. Бејзболот беше на програмата од Барселона 1992 до Токио 2021 година, а останатите спортови на листата за првпат ќе бидат вклучени.
Флег фудбалот, кој е верзија на американскиот фудбал со слични правила и се игра на отворено или внатре, веројатно привлекува најголемо внимание.
Најголемата разлика е што не е дозволен контакт меѓу играчите (блокирање, соборување итн), а тимовите се состојат од четири до 11 поединци и можат да бидат мешани (машко-женско).
Контактот меѓу играчите е забранет, а напаѓачот се запира со отстранување на знаменцето кое е врзано околу половината на играчот. Варијациите во правилата се вообичаени и варираат од држава до држава.
Флег фудбалот е најразвиен во САД, Канада, Мексико и во Австралија. Популарен е и во Азија, каде што се игра во Израел, Јужна Кореја и во Индонезија. Во Европа е застапена во Обединетото Кралство и во Германија, но и во Норвешка, Финска, Данска и други земји од западниот дел на континентот.