„Бомба“ во најава од Островот, Челзи и Раиола се договорија околу Донарума

Летниот преоден рок се наближува, а Џанлуиџи Донарума се уште го нема решено својот статус, а како што стојат работите во моментов, шансите на Милан се се помали. Мино Раиола е тежок преговарач, „Росонерите“ немаат финансиски можности да се носат со клубовите кои веќе подолго време го имаат на нишан младиот голман, па ако покрај сето тоа доскорешниот лидер во Серија А продолжи да потфрла на резултатски план, извесно е дека ќе ја загуби битката.

Без оглед на љубовта на Донарума кон „Росонерите“, законите на пазарот се сурови. А во овој случај и мошне прецизни – Лига на шампиони или ништо.

Покрај силните милиони кои ги нудат конкурентите на Милан, тие играат и на картата на лошата форма на четата на Стефано Пиоли, која победи на само еден од последните шест натпревари. До вчера, „Росонерите“ беа главен кандидат за „Скудетото“, сега, по осум загубени бодови во претходните четири рунди, многумина се загрижени и за пласман во Топ 4. Особено поради тоа што Милан го очекува многу тежок распоред.

Во таква атмосфера, на „Стемфорд Бриџ“ процениле дека е вистински момент за конкретен напад на Донарума. Во Челзи не кријат дека се заинтересирани за италијанскиот голман, потребна им е замена за Кепа Аризабалага и затоа нема да штедат пари за плата. При последниот состанок со Раиола управата на Милан соопшти дека е подготвена да понуди петгодишен договор вреден 7.000.000 евра по сезона. Агентот на Донарума рекол дека нема договор без 10.000.000, а „Сините“ со сето тоа на ум, ја испратиле првата понуда и се шпекулира дека се подготвени да издвојат 10.500.000 евра по сезона.

Сумата ги исполнува апетитите на Раиола, меѓутоа далеку дека тоа ќе биде се. Со цел Донарума како слободен играч да се пресели во Лондон, Челзи ќе мора да исплати и висок бонус за потпис, како и бонус кој ќе заврши на сметката на Мино Раиола.

Тие суми би можеле да бидат и пресудни, бидејќи ако останатите кандидати како Јувентус, Интер и ПСЖ ја израмнат понудата на „Сините“, ќе пресудат токму овие бонуси.