„Бомба“ од Србија: Џејми Варди бил понуден на Партизан, но во клубот немале ни денар

Џејми Варди за првпат вниманието на фудбалската јавност почна да го привлекува уште во Чемпионшип кога постигнуваше голови во дресот на Лестер и му помогна на клубот да влезе во Премиер лигата, а светот уште подобро го запозна како дел од генерацијата во 2016. година која на Лестер му ја донесе историската шампионска титула.

Варди во овој момент е прв стрелец во Премиер лигата, но пред само седум години, кога уште никој не знаел за него, додека го носеше дресот на петтолигашот Флитвуд, тој можел да го облече дресот на белградски Партизан!

Така барем тврди некогашниот претседател на црно-белите Драган Ѓуриќ и целата приказна ја поткрепува со поранешниот главен тренер на белграѓани Аврам Грант.

Ѓуриќ истакнува дека поранешниот тренер на белградскиот тим имал на ум да го ангажира Џејми Варди веднаш откако беше именуван на тоа место. За жал, од оправдани причини не дошло до тој трансфер…

„Веднаш ни рече да го доведеме Варди и тврдеше дека повеќекратно ќе ни се исплати. Ние немавме ни денар, а не пак милион евра да го купиме, колку што бараа Англичаните. Немавме дури ни генерален спонзор… Немаше пари како што ги има сега во Партизан“, започна Ѓуриќ, па објасни некои детали:

„Немојте да ве изненадува тоа што петтолигаш ни бараше милион евра. И тогаш Варди беше пеколен играч. Иако не толку познат. Грант ги познаваше сите тие деца по Англија, беше мајстор да открие талентирано дете, но ете, ние бевме во голема криза и не можевме да го платиме тоа“.

Ѓуриќ открива дека Варди не бил единствената желба на Грант од Англија…

„Имаше список од неколку имиња, исто така од нисколигаши, но тие денес не се познати играчи. Во паузата меѓу полусезоната сакаше да го доведе Французинот Фредерик Пикион, кој беше слободен. Се сеќавам само што зборуваше за нашите таленти. Со црвен маркер ги подвлече имињата на Лазар и Саша Марковиќ и рече дека се суво злато за Партизан“, се присети Ѓуриќ.

А ако Партизан случајно имаше 1.000.000 евра во 2012. година…

„Да ги имавме тие пари и да го доведевме Варди, сигурно сите ќе не критикуваа што сме дале толку пари за непознат играч. Денеска Партизан и Звезда носат разно разни странци, даваат толку пари и никому ништо“, заклучи поранешниот претседател на Партизан.

Џејми Варди во јули 2012. година прејде од Флитвуд во Лестер за нешто повеќе од 1.000.000 евра. Сега веќе има 32 години и неговата чудесна приказна сите ја знаат. Целиот свет. За Лестер постигна вкупно 118 голови, а според Трансфермаркт вреди 20.000.000 евра.