Фуриозната Блокотехна израмни против МЗТ во полуфиналната серија!

423

Екипата на Блокотехна успеа да израмни на 1-1 во полуфиналната серија против актуелниот првак МЗТ Скопје, откако на домашен терен во Гевгелија со 106:94 дојде до посакуваната победа.

Избраниците на тренерот Илиевски одиграа одлично во нападот каде доминираа во однос на гостинската екипа, а шампионот немаше одговор за промените во играта од првиот меч.

Двете екипи одиграа натпревар кој треба да биде одлика на еден меч од плеј-офот, а домаќините докажаа и покажаа дека нема да се откажат од финалето. Со одлична игра, Блокотехна дојде до првата победа по четирите порази од МЗТ сеонава.

На двете страни имаше изненадувања во стартните петорки, па така Ѓуроски го зазеде местото на Младеновиќ кај Блокотехна, додека Спасојевиќ стартуваше пред Лалиќ, а Симоновски пред Дамјан Стојановски.

Уште од почетокот на натпреварот Блокотехна наметна фуриозна игра во нападот, па така дојде до убедива предност од 43:28 на половина од втората четвртина. Блокотехна го задржа високото водство и на полувреме замина со предност од 59:45.

Во второто полувреме, односно во третата четвртина, Блокотехна во неколку наврати успеа да поведе и со плус 17 поени разлика, а по неколкуте поентерски серии, дојдоа и на највисоки 76:58, а во последната четвртина влегоа со предност од 83:67.

МЗТ направи серија од 5-0 на почетокот од последната четвртина, а по тајм-аутот на Илиевски, Соколов постигна тројка за негативата на МЗТ да се симне под десет поени разлика. МЗТ започна со поагресивна одбрана, па на пет минути до крајот на мечот натпреварот влезе во мала неизвесност со оглед на тоа дека МЗТ дојде до 88:81.

Сепак, кратко потоа Блокотехна повторно влезе во поентерски ритам и на крајот заслужено дојде до победа од 106:94.

Двејн Бенџамин беше спектакуларен на овој натпревар со 31 поен, седум скока и три асистенции, Мијатовиќ постигна 20, а Главчев 16 поени. Кај гостите најдобри беа Соколов со 16, Симоновски со 14 и Лалиќ со 12 поени.

Третиот натпревар од оваа полуфинална серија се игра в недела, а домаќин ќе биде МЗТ Скопје.