Бизарна ситуација на СП во скијање: Славеше сребро, а на крајот доби злато!?

Иако по трката и честиташе на Италијанката Марти Басино на победата и освоениот златен медал, Австријката Катарина Линсбергер нешто подоцна дозна дека и таа освоила златен медал во паралелен велеслалом на СП во Кортини Д’Ампецо.

Линсбергер по трката сметаше дека го освоила среброто иако во финалето имаше исто време како и Италијанката Марта Басино. Но, италијанската скијачка имаше подобро време во второто возење, што до финалето беше пресуден критериум во случај на ист резултат.

Италијанката беше прогласена за победник, но Австриската скијачка федерација уште еднаш ги провери прописите и најде дел во кој се наведува дека во финалето во случај на ист резултат, победата се дели.

„Среќа што ги прочитавме правилата. Интересно е дека судиите во прв момент ги немаа на ум тие прописи“, изјави спортскиот директор на Австриската скијачка федерација, Тони Џиџера.

Младата австриска скијачка беше воодушевена од ваквиот расплет на случувањата.

„Ова е одлично, не знам што да кажам. Во моментов не можам да се снајдам, освојување на златен медал е нешто посебно. Тоа е сон кој денес се оствари“, изјави 23-годишната Австријка која го освои 100-тиот златен медал за Австрија на светските првенства.