Биатлон федерацијата на Северна Македонија ја има целосноста поддршка од АМС, ОКСМ и ИБУ

Секаде во светот има две независни федерации, едната е под капата на ФИС во која влегуваат алпското и нордиското скијање и сноубордот, а другата под капата на ИБУ и тука спаѓа биатлонот. Тие се одвоени одамна, во 1993 година и на Олимписките игри не се како посебни дисциплини, туку како посебни спортови.

Според законот за спорт кај нас, скијањето и биатлонот треба да бидат одвоени и затоа е формирана Биатлон федерацијата на Северна Македонија, како независна асоцијација. Досега биатлонот беше претставуван како комитет, но според законот за спорт, тоа повеќе не е возможно.

Првпат како проблем тоа се појави минатата година, при доделувањето на ваучерите од Агенцијата за млади и спорт. СФМ претставуваше резултати од нордиско скијање и биатлон што е спротивно на ЗАКОНОТ ЗА СПОРТ и АМС не го препознава како спорт. Поради тоа што во Македонија не ПОСТОЕШЕ федерација со дејност биатлон, а во светски рамки постои и се вика International biathlon union (IBU), група ентузијасти легално формираа Биатлон федерација на Северна Македонија која е регистрирана во Централен регистар и функционира најлегално. Постојат сите органи на управување, направено е годишно собрание, има клубови како свои членки и поминати се сите процедури во АМС и ОКСМ. Претседател е Кочо Кираца, генерален секретар е Васил Сокле а во федерацијата е вклучен и поранешниот олимпиец Ѓоко Динески и олимпијката Марија Колароска. Оваа организација е призната и од ИБУ и на официјалната интернет страница на светската организација можат да се најдат сите нејзини податоци.

No description available.

Единствениот проблем во случајов го прават неколку клубови, дел од нив фиктивни кои делуваат опортунистички и опструираат поради лични или интереси на раководството на СФМ, односно поради омраза кон раководството на БФСМ. Тие неколку клубови бараат биатлонот да остане во рамките на СФМ што правно не е возможно. Тие можат да останат таму како спортисти, но не можат да се занимаваат со биатлон бидејќи тој како спорт е под капата на БФСМ кој има ексклузивно право за организирање домашни натпреварувања и испраќање спортисти на меѓународни манифестации како европски и светски првенства и олимписки игри.

Како што дознаваме ситуацијата е дојдена до точка на вриење, поради лични закани кон лицата кои ја формираа Биатлон федерација на Северна Македонија. Нивните тврдења се правно неосновани како и наводите дека се работи за политички реваншизам, односно политика во спортот кој се апсолутно невистинити.

Интересно е тоа што ФИС целосно ја има финансиски блокирано Скијачката федерација на Македонија, предводена од Огњан Циговски. Не стигнуваат финансиски средства и одземени им се кодовите на челниците за пријавување на ФИС натпреварувачи и трки . Натпреварувачи сеуште пријавува старото раководство на СФМ.

Од друга страна, Биатлон федерацијата на Северна Македонија е признаена од Агенцијата за млади и спорт, како и од ИБУ, со финансиски средства и со можност за пријавување спортисти на меѓународни натпреварувања. Вo неа членуваат пет клуба од кои два се од старата Скијачка федерација.

Што се однесува до трите клуба кои се против Биатлон федерацијата на Северна Македонија, два од нив се фиктивни, односно долго време немаат активности. Федерациите секоја година доставуваат извештаи до АМС и од нив може да се види дека Фишер Крушево повеќе од десет години немал никакви активности, Мирна долина Маврово две години не пријавил ниту еден спортист и не учествува на натпреварувањата, а единствен активен е Ски Рис од Скопје. Тоа најдобро зборува за кредибилитетот и причините поради кои одредени личност се против Биатлон федерацијата на Северна Македонија.