Без изненадување, Австралија ја совлада Чешка за прво полуфинале во историјата на СП

Репрезентацијата на Австралија славеше во четвртфиналето против Чешка со 82:70 и се пласираше во своето прво полуфинале на Светското првенство.

Чесите пружија сериозен отпор против „Бумерси“, но Австралија не дозволи уште едно изненадување на овој Мундобаскет и на крајот славеше важна победа со која оди на мегдан против Шпанија во полуфиналето.

Предводени до Пети Милс Австралија „луташе“ и 27 минути играше егал меч со Чесите, но потоа експлодираа и со фантастична серија од 20:5 за само три минути го решија последниот четвртфинален меч во своја корист.

Пети Милс блескаше со 16 поени во првото полувреме и сам ги држеше Австралијците против разиграните Чеси. Брзиот Саторански и доминантниот Ауда се трудеа „Бумерси“ да не направат голема разлика, но немаа сили во финишот од третата четвртина да го следат жестокиот ритам кој им беше наметнат. Милс зеде пауза во тие моменти, но со брзи акции останатите асови на Австралија – Делаведова, Голдинг, Богут и Лендејл направија серија од 14:0 по која на пауза се замина со најголема разлика од 63:48 за Австралија.

Се обиде Чешка да фати приклучок кон почетокот на последната четвртина, имаше серија од 7:0 на стартот, но тоа беше се што успеа да направи. Австралијците не се опуштија ни секунда, одржуваа десет поени разлика и на крајот го прославија пласманот во полуфиналето од Мундобаскетот каде ги чека дерби со „Црвената фурија“.

Најефикасен поединец во редовите на победникот беше Пети Милс со 22 поени, Крис Голдинг уфрли 14, додека Богут постигна десет.

На спротивната страна Ауда постигна 21 поен, додека Саторански додаде 13 кошеви и исто толку асистенции, а му недостасуваше само еден скок за да дојде до трипл-дабл, прв во историјата на Светските првенства.