Басконија заинтересирана за Шортс, но засега нема преговори

Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс игра во одлична форма во дресот на Телеком Бон и тоа е причина што голем број европски клубови се заинтересирани за него.

Оваа сезона посебно бидејќи од ноември има македонски пасош и може како домашен играч да настапува каде било. Од тие причини, не изненадува податокот дека Басконија испратила понуда за него и тоа го потврдуваат бројни европски медиуми, вклучувајќи го шпанскиот портал encestando.es. Басконија сака да се ослободи од Пјерија Хенри, а замената за него би бил репрезентативецот на Македонија.

Сепак, истиот извор тврди дека засега нема преговори за Шортс бидејќи тој е под договор со Телеком Бон, а клаузулата за откуп е релативно висока. Освен тоа, екипата има огромна шанса да се бори за трофеите во Бундеслигата и Кошаркарската Лига на Шампиони на ФИБА каде чекори одлично. Поради тоа, речиси неверојатно е Телеком Бон сега да се откаже од кошаркарот кој не само што е најдобар во тимот, туку и еден од најдобрите во германското првенство оваа сезона. За Басконија е проблем тоа што преодниот рок за играчи од Евролигата е завршен, па клубовите можат да се засилат само со кошаркари од другите натпреварувања, а Шортс е еден од нив.

Од натурализираниот Македонец се очекува идниот месец повторно да ја предводи репрезентацијата во последниот „прозорец“ од претквалификациите за Европското првенство во 2025 година.