Барселона со услов за Миротиќ: Пола плата или збогум!

Уште по поразот од Реал во полуфиналето од Евролигата почнаа шпекулации дека Барселона планира сериозен рез во тимот за идната сезона, а изгледа дека најавите веќе почнале да се реализираат.

Каталонскиот весник Спорт денеска пишува дека прв на удар е суперстарот на тимот Никола Миротиќ со кого, наводно, веќе разговарал менаџментот на клубот. Црногорецот со шпански пасош има бруто годишна плата од 11 милиони евра и Барселона повеќе не е расположена да плаќа толку за играч кој не прави разлика и не донесе особени резултати во овие четири години откако дојде.

Понудата до Миротиќ е да прифати намалување на платата за 50% или ќе биде ослободен од обврските по завршувањето на оваа сезона. Крилниот играч по поразот од Реал изјави дека сака да го одработи до крај договорот со Барселона кој е со важност од уште две години, но прашање е дали ќе му биде овозможено тоа.

За Барселона претстои плејофот во АЦБ лигата што е последна шанса оваа сезона да се заврши со трофеј. Претходно доживеа дебакл во Суперкупот, Копа дел Реј и Евролигата, а во плејофот од шпанскиот шампионат влегува од првата стартна позиција.