Барселона, Реал Мадрид и Јувентус објавија продолжување на Суперлигата

Барселона, Јувентус и Реал Мадрид немаат намера да се откажат од идејата за креирање на фудбалската Суперлига.

Овие три великани на европскиот фудбал останаа единствените клубови кои ја задржаа идејата за создавање на Суперлигата во која би играле најпопуларните клубови во Европа.

УЕФА успеа да ја добие првата битка и ги убеди останатите клубови да се откажат од таа идеја. Следуваа и бројни протести на навивачите, а на клубовите им се најавени санкции за забрана за настап во европските натпреварувања.

Сепак, Судот во Мадрид ја отфрли можноста УЕФА да може да ги казни клубовите основачи на Суперлигата, а Барселона, Јувентус и Реал се огласија со соопштение.

Тие порачаа дека немаат намера да се откажат од креирање на Суперлигата и дека ќе се борат за таа лига откако Судот во Мадрид ја одби жалбата на УЕФА на одлуката за евентуални казни за креаторите на лигата.

„Барселона, Јувентус и Реал Мадрид изразуваат големо задоволство што Судот во Мадрид потврди дека УЕФА не може да покрене никакви постапки против клубовите креатори на Суперлигата, ниту може да ги казнува“, соопштено е од овие клубови и додаваат:

„Наша должност е да се носиме со сериозните проблеми во фудбалот. УЕФА се претставува како легислатор, извршен оперативец и единствен правен субјект за организирање на европски натпреварувања. Таквата монополистичка позиција му штети на фудбалот и компетитивноста. Финансиските контроли се неадекватни и се применуваат неправилно. Треба да се осигураме дека клубовите кои учествуваат во европските натпреварувања управуваат со тие натпреварувања“.

„Воодушевени сме што отсега веќе нема да бидеме изложени на закани од УЕФА. Нашата цел е да продолжиме со развојот на проектот Суперлига на конструктивен начин и со придонес од сите структури во фудбалот: навивачите, играчите, тренерите, клубовите, националните федерации и лиги. Свесни сме дека некои делови од нашиот предлог би можеле да се ревидираат и тоа би можеле да го спроведеме преку дијалог. Убедени сме во успехот на овој проект кој секогаш ќе ги почитува законите на Европската унија“, соопштија клубовите.