Барселона и Јувентус подготвуваат нова трампа на играчи

Беше изненадување кога Барселона и Јувентус одлучија да ги разменат Миралем Пјаниќ и Артур Мело во комбинација која подоцна беше окарактеризирана како „пеглање на сметките“, а само еден месец откако целата работа беше договорена и завршена, низ Италија кружат вести дека двата европски гиганти подготвуваат нова размена на играчи. Овој пат во главните улоги се Иван Ракитиќ и Родриго Бентанкур.

Можеби од овој трансфер на крајот нема да има ништо, но трампата од бизнис и тактички агол има до некаде смисла. Но, само до некаде. На Јувентус му недостасува искусен играч да ги држи конците во средниот ред, бидејќи Сами Кедира и Блез Матуиди се отпишани, додека од друга страна, откако Барса ја заврши таа обврска во својот среден ред со Миралем Пјаниќ, сака да направи интензивно подмладување на средниот ред.

Додуша, причината зошто целата работа би била само делумно добра е тоа што во овој случај повеќе ќе загуби Јувентус, односно Маурицио Сари кој го обожава Бентанкур и во сезоната која завршува му ја даде една од клучните улоги во средниот ред. Поради својата младост и неоспорен квалитет израсна во носител на играта на средниот ред. Од друга страна, Иван Ракитиќ е во надолна линија во својата кариера и изминатата година најчесто беше на клупата за резерви како играч во ротацијата. Јасно е дека тој и Артур би ги презеле одговорностите од Пјаниќ и Бентанкур, но кој во целата приказна би поминал како победник?

Се споменува и дека овој пат обештетување ќе плати Барселона. Јувентус за Артур ги даде Пјаниќ и 10.000.000 евра обештетување, плус ќе искешира уште 10.000.000 евра за бонуси, а наводно во овој случај Барселона ќе искешира дури 30.000.000 евра за Бентанкур, плус ќе го даде Ракитиќ.

За потсетување, хрватскиот играч за врска е во последната година од договорот и со оглед на тоа, неговата пазарна вредност не е висока, иако реално може уште доста да пружи, додека цената на Бентанкур постојано расте. Освен тоа, има и важечка соработка со „Старата дама“ до јуни 2024 година.