Барса продолжува да собира пари, го продаде „својот“ најдобар дефанзивец

Познато е дека Барселона мора до денес да собере 124 милиони евра од продажба на играчи. Поголемиот дел е покриен со продажбата на Артур Мело, а од претходно имаат загарантирани 11.000.000 евра од Рома за задолжителниот откуп на младиот офанзивец Карлес Перез.

Од нив двајца, Барса собра 83.000.000 евра и останува да се подмири уште само третина за да го испочитува финансискиот фер-плеј. Во претходните денови успеа да собере и половина од таа третина. Вчера го продаде младиот напаѓач Абел Руиз во Брага за 8.000.00 евра, кој беше на позајмица како дел од договорот за Тринкао. Сега португалскиот клуб дефинитивно го откупи, а Барса си задржа 20 проценти од следната продажба плус повратна клаузула која важи во следните две сезони по фиксна цена од 40.000.000 евра.

Но, ова не е крајот. Барселона потврди дека денеска постигнала договор за продажба на позајмениот Марк Кукуреља во Гетафе. Овој млад лев бек, кој може да игра како страничен играч за врска, замина во Гетафе минатото лето каде се покажа во одлично светло.

Мадридскиот клуб првично имаше опција да откупи 60 проценти од договорот за 6.000.000 евра, а Барса да ги задржи преостанатите 40 проценти од следната продажба. Сепак, двата клуба сега го ревидираа договорот и Гетафе плати 10.000.000 евра за 90 проценти од договорот на Кукуреља.

На крајот, се чини дека Барса ќе загуби со овие 10 проценти кои и остануваат, бидејќи Каталонците долго време бараат наследник на Жорди Алба, а младиот фудбалер кој е нивно дете игра во одлична форма веќе подолго време. Доказ за тоа се и неговите бројки, според кои е подобар од секој дефанзивец на Барса сезонава.

Кукуреља има 206 одземени топки, 64 успешни клизачки стартови, 46 креирани шанси и 5 асистенции и во сите тие сегменти е подобар од секој дефанзивец на Барса оваа сезона.

Но, Барса е во тесно поради финансискиот фер-плеј и немаше многу време за преговори и планови околу продажба на други играчи, па ја искористи опцијата која ја наметна при соработката со Гетафе.

Инаку, Барса треба да собере уште 20.000.000 евра од продажба на уште некои играчи. Овој дел од парите веројатно ќе биде подмирен со продажбата на некои од позајмените играчи како Рафиња (Селта), Миранда (Шалке), Тодибо (Шалке), Ваге (Ница), Алења (Бетис)…