Барса и Келце во финалето од Лигата на шампионите

Екипите на Барселона и Келце утре ќе се борат за трофејот во овогодишното издание од Лигата на шампионите откако денеска без поголеми проблеми ги совладаа своите ривали.

Полскиот претставник беше подобар од Веспрем со 37-35, но конечниот резултат не е вистински одраз на силите бидејќи на околу три минути пред крајот Келце имаше четири гола предност и постојана доминација во текот на второто полувреме. Морито со осум гола беше најзаслужен за триумфот на Келце, исто колку што во противничкиот тим постигна Лауге.

Барселона уште полесно го совлада Кил иако првото полувреме помина во израмнета игра и само еднаш шпанскиот тим направи предност од два гола. Тоа се смени во вториот дел, по 20-20, Барса направи 9-4 и поведе со пет гола разлика за во финишот да поведе и со 32-26. Кил успеа да намали на 29-32, но немаше проблеми за Барселона која победи со 34-30 и утре ќе ја брани титулата.

Гомес ја наполни мрежата на Кил, постигна 12 гола и беше убедливо најефикасен играч на натпреварот. Винчек со седум беше прв стрелец на Кил.

Финалниот натпревар се игра утре од 18 часот. Претходно, од 15:15 за третото место ќе се борат Кил и Веспрем.