Азар испрати силна порака: Судете ми догодина, тогаш почнува вистинското!

Кога сето ова ќе помине Еден Азар ќе биде лансиран во орбитата како најдобар играч на Реал. Тоа не е проценка на новинарите, не вели така ниту Зидан, дури ниту навивачите на „Кралскиот клуб“ не се толкави оптимисти, затоа е самиот Белгиец.

Офанзивецот е убеден дека следната сезона ќе ги оправда вложените средства и ќе покаже дека шпанскиот гигант не погрешил кога минатото лето плати 100.000.000 евра за него. Тоа што до паузата, која во неговиот случај започна порано поради повредата, даде само еден единствен гол е разчарувачки и мизерен учинок за фудбалер од кој се очекуваше да ја носи играта на екипата на Зидан.

Но, вториот најскап играч во историјата на „Кралевите“ сигурен е дека ќе проработи во втората сезона.

„Лошо играв оваа сезона. Не мора да значи дека се е така црно, бидејќи ова беше година на привикнување на новата средина. Судете ми на основа на она што ќе го покажам догодина. Мојата задача пред се е за натпреварувачката 2020/21 да бидам во добра форма. Освен тоа, не заборавајте дека потпишав договор на пет години, така што има уште доволно време за мене“.

Аргументите на таквите тврдења Азар ги наоѓа во минатото, бидејќи на двете претходни адреси забрзуваше дури во втората сезона.

На пример, во сезоната 2008/09, која му се води како прва целосна сезона во Лил, даде шест гола и запиша четири асистенции на 35 меча. Уште тогаш го привлече вниманието. А веќе во следната – бум. Дабл-дабл учинок. 10 дадени и 13 наместени гола. Играше и повеќе натпревари, но претставуваше важна алка во клубот на кого за бод му побегна пласман во Лигата на шампионите. Во двата наврати беше прогласен за најдобар млад играч во француската Лига 1.

Следната сезона беше уште попродуктивен (12 дадени, 14 наместени) за во натпреварувачката 2011/12 да издоминира со по 22 гола и асистенции и да си обезбеди трансфер во Челзи вреден 40.000.000 евра.

Ако се погледне првата сезона во Лондон, таа може да се окарактеризира како добра со 13 гола и 24 асистенции, но тој учинок е поделен на 62 натпревари. Значително поголемо влијание на играта и резултатите на „Сините“ имаше во втората сезона со 17 погодоци и 10 асистенции на 49 меча, за во третата да се профилира како клучен човек на екипата на Жозе Мурињо која освои титула со 19 гола и 13 асистенции.

Ако Зидан биде трпелив, а Азар се опамети и конечно почне да игра како што се очекува од него, можеби на Реал најголемото засилување летово ќе му дојде од сопствениот кадар.