Австралија Опен поради Ѓоковиќ се сели од Мелбурн

„Дејли Мејл“ пишува дека Австралија Опен би можел да се пресели од Мелбурн поради Новак Ѓоковиќ.

Премиерот на австралиската држава Викторија, Даниел Ејндрус, му порача на најдобриот тенисер на светот Новак Ѓоковиќ дека нема да настапи на Австралија Опен ако не биде вакциниран.

Колку што е познато, Ѓоковиќ не е вакциниран против коронавирусот, а не е единствениот тенисер кој се има одлучено на ваков чекор. Поради тоа организаторите на турнирот размислуваат за преселба на истиот, а посебен фокус им е на доаѓањето на ланскиот освојувач Ѓоковиќ.

Ако Гренд слем турнирот не се игра во Мелбурн, ќе се игра во Бризбејн или Сиднеј, пишува „Дејли Мејл“.

За потсетување, Викторија донесе закон според кој сите вработени – а тоа ги вклучува и професионалните спортисти, сите кои на некој начин работат на организација и одржување на професионални спортски настани и сите членови на екипите на телевизиските куќи на тие настани – мораат да бидат вакцинирани.

Премиерот Ејндрус изјави дека тоа се однесува и на Ѓоковиќ.

„Титулите нема да те заштитат. Единствената титула која ќе те заштити е да можеш да кажеш дека си ја примил првата доза и дека си ја примил втората доза“, порача Ејндрус.