Австралија е негов терен, Ѓоковиќ до 18-та гренд слем титула

Новак Ѓоковиќ по 18-ти пат се закити со гренд слем титула, негова деветта на Австралија Опен. Без оглед на тоа што велат другите, никој никогаш не може да биде фаворит во Мелбурн, додека тука настапува српскиот тенисер.

Светскиот рекет број еден по деветти пат ја покори Австралија и дојде до својата 18-та гренд слем титула. Данил Медведев не успеа ниту да се закани. Ѓоковиќ одигра сурово и прецизно и на крајот славеше во финалето кое траеше помалку од два часа со 3:0 во сетови – 7:5, 6:2, 6:2.

Русинот разочара, многумина веруваа дека ќе успее добро да го намачи српскиот тенисер, но тој не можеше да му парира на првиот светски рекет. Делуваше незаинтересирано и немотивирано од почетокот и јасно се виде дека ова не негов ден.

Најмногу возубудувања имаше во првиот сет, каде беа видени вкупно три брејка. Новак поведе со 3:0, но во петтиот гем до брејк дојде и Медведев, па го израмни резултатот, но во 12. гем Ѓоковиќ со нов брејк дојде до освојување на сетот.

Во преостанатите два сета со леснотија Новак дојде до победа и сега е на две гренд слем титули од Федерер и Надал.

Новак има посебна врска со Австралија, тоа го има кажано во повеќе наврати, а денес само докажа дека е апсолутен владетел во Австралија.