Апенините на нозе, џабе извинувања: Грешка на судијата која може да го одлучи шампионот

На натпреварот Милан – Специја беше забележана една од најголемите судиски грешки во последните години.

Специја победи сензационално на Сан Сиро (1:2), но голема помош имаше и од судијата Марко Сера, кој поништи чистиот гол на Росонерите.

Сера свирна прекршок врз Ребиќ, без да чека да заврши акцијата. Топката дојде до Жуниор Месијас кој погоди, но судијата остана на својата одлука. Поточно не пушти преност.

Да беше признат голот, Милан ќе поведеше со 2:1 и многу веројатно ќе стигнеше до трите бода, но наместо тоа Гиаси во шестата минута од продолжението погоди за Специја и им донесе победа на гостите.

Оваа судиска одлука би можела да влијае на крај и за шампионот бидејќи Милан на табелата би го прескокнал Интер со три бода. Така „нероаѕурите“ останаа сега на +2, додека имаат натпревар помал, па предноста може дополнително да се зголеми.

Во меѓувреме Милан доби извинување од Здружението на италијански судии (АИА), но тоа тешко дека ќе им користи на Росонерите.

Извесно е дека 39-годишниот Сера го чека жестока казна, а извесно е дека нема да биде делегиран во следните неколку кола.