Ансу Фати има откупна клаузула од милијарда евра, а брат му игра во деветта лига

Браима Фати е брат на далеку попознатиот Ансу Фати, младата ѕвезда на Барселона. Ансу Фати се смета за наследник на Лионел Меси, па на „Камп Ноу“ ја доби легендарната „десетка“ и станува збор за огромен талент. Впрочем, Барса не би ставила во неговиот договор откупна клаузула од милијарда евра, ако е само „просечен талент“.

Неговиот брат, пак, нема толку успешна кариера, а сега потпиша договор со англискиот деветтолигаш, екипата на Биглсвејд Јунајтед.

„Додека бевме деца, Ансу како шестгодишник играше со мене и моите врсници. Бевме пет години постари, но тој беше премногу талентиран. Секако и нему тоа му одговараше, многу се учи кога играш со постари. Кога растеш, парите се последната работа на која мислиш, а дури да замислиш како играш за Барселона е сосема друго ниво. Ансу е мој брат, најдобар играч и најдобар пријател“, изјави Браима.

„Знам најдобро како Ансу напорно работеше во животот. Знам исто дека и јас сум му мотивација и дека сме горди еден на друг“, изјави Браима кој неодамна дојде во екипата од Бедфордшаер, екипата чиј претседател е познатиот фудбалски новинар Гијом Балаг.

Признава дека не било лесно да се адаптира во Англија.

„Не сакам студ, но се навикнувам. Ансу ми испраќа јакна од Барселона, а јас за возврат ќе му испратам јакна од нашиот клуб Бигелсвејд. Ќе биде посебно и емотивно кога ќе дојде да ме гледа тука во Англија. Штом има слободно време ќе дојде. Никогаш претходно не бил во Лондон, но стана навивач на Биглсвејд Јунајтед“.

Браима за разлика од Ансу не игра за репрезентацијата, а интересно е дека како дете уште во 2011 година стигнал во Шпанија. Долго време беше дел од младинските селекции на Барселона, но беше и член на Б тимот, кратко престојуваше во Белгија, Португалија, за од пред еден месец да се пресели во Англија.