Англичаните ги враќаат местата за стоење на стадионите, 32 години по Хилзборо

Од следната година на одредени стадиони во англиската прва и втора фудбалска лига ќе бидат дозволени стоечки места за гледачите во рамките на пилот-програмата на британската Управа за безбедност на спортските борилишта (СГСА).

Британската влада ја упати СГСА да креира лиценцирани подрачја за стоење на стадионите.

Програмата би требало да почне да се применува од 1 јануари следната година, а клубовите имаат рок за пријава до 6 октомври.

Стоечките места на стадионите во првата и втората англиска лига се забранети по несреќата на Хилзборо во 1989 година во која загинаа 96 навивачи на Ливерпул во пресрет на мечот од полуфиналето во ФА Купот.

„Најавивме дека во соработка со навивачите и клубовите ќе работиме на воведување на сигурни стоечки зони. Сега кога независното истражување е завршено, а на стадионите ширум земјата нема ограничување во врска со дозволениот број на гледачи, вистинско време е за напредок по тоа прашање“, изјави министерот за спорт Најџел Хадлстон.