Ангеловски: Не е важно кој ни е противник, туку која е нашата цел

Македонската фудбалска репрезентација утревечерв во Варшава ќе го одигра осмиот натпревар во квалификациите за ЕП 2020. година, а противник ќе ни биде репрезентацијата на Полска.

По победата над Словенија во Скопје, надежите кај нашата репрезентација дека може да се дојде до едно од првите две места во групата се зголемија. Иако Полска е прв фаворит во групата, на мечот во Скопје се виде дека нашите репрезентативци можат да се носат со нив, иако забележаа незаслужен пораз.

Ангеловски во овој квалификациски двомеч се соочи со голем број проблеми во составот, а дополнителни главоболки му претставуваат отпаѓањето на Тричковски, односно неизвесноста дали Адеми ќе успее да настапи. Добро е што Бејтулаи се враќа по суспензијата со Словенија.

„Добро се знае со какви проблеми се соочувавме и пред Словенија. Во овој момент не можам да кажам ништо дефинитивно на кого ќе можам да сметам во моментов, туку најпрво морам да се консултирам со лекарскиот тим“, изјави Ангеловски.

Полска е лидер во групата со 16 бода, пет повеќе од Македонија, но во случај на позитивен резултат, работите можат дополнително да се искомплицираат во групата, во наша корист.

„Не е важно кој ни е противник, туку која е нашата цел, за што играме. Ние играме за нешто големо, и не може никој тоа да ни го одземе. Респект за Полска, но ние ќе го дадеме максимумот, а дали тоа ќе биде доволно за нешто, ќе видиме.

Можам да кажам дека уживам во моментов со овие момци кои го даваат максимумот на секој меч. Еве Стефан е до мене, знаеме во каква ситуација здравствена беше па одигра херојски со Слвоенија. Така беше и со Пандев во Израел, така беше и со Адеми. Сигурен сум дека тие што ќе настапат, ќе дадат максимум“, изјави Ангеловски и на крајот го потенцираше Роберт Левандовски како најсериозна закана за голот на Димитриевски.

“Левандовски е најопасниот играч на Полска, ме импресионираше уште кога играше за Борусија. Но мене ме импресионираат и моите фудбалери и она што тие го покажуваат во моментов”.