Ангеловски: Австрија и Израел се генералка за Косово, не е сеедно на која позиција ќе завршиме

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски, денеска го објави списокот на фудбалери на кои ќе смета за последните два квалификациски натпревари за ЕУРО 2020. година против Израел и Австрија.

Иако теоретски нашата репрезентација се уште има шанси за пласман на ЕП преку квалификациите, сепак тешко е да се очекува дека Австрија ќе киксне на последните два натпревари, од кој едниот е со нас, а вториот со фенерџијата Летонија.

Затоа, селекторот Ангеловски нагласува дека нашата репрезентација ќе оди на победа на преостанатите два меча, но дека истите ќе бидат и генерална подготовка за полуфиналето од Лигата на нации против Косово.

„Од стандардните фудбалери, за жал нема да можеме да сметаме на неколкумина. Муслиу, Николов и Несторовски нема да играат против Австрија поради жолти картони, а поради повреда отпаѓаат Адеми, Бејтулаи и Радески, но затоа во тимот се враќаат Барди и Велковски. Во репрезентацијата се повикани Ѓорѓев и Аврамовски кои играат во добра форма. Ќе бидеме максимално фокусирани и сакаме да го извлечеме максимумот од овој меч. Австрија не надигра во Скопје, станува збор за доминантна селекција во квалификациите. Но, тоа ќе биде мотив за нас да се прикажеме во подобро светло, да покажеме дека првиот меч во Скопје беше само лош ден за нашите играчи. Одиме да се надигруваме, да ги браниме боите на нашата држава и се надеваме на позитивни резултати. Не ни е сеедно на кое место ќе ги завршиме квалификациите, но се наоѓаме во ситуација кога мораме да размислуваме за мечот со Косово во полуфиналето од Лигата на нациите. Со оглед на тоа дека нема да играме пријателски мечеви до тогаш, овие два натпревари треба да ни бидат подготовка за тој меч“, истакна Ангеловски.